Просторот пред салата „Расадник“ добива нов, урбан лик

Макфакс

03/04/2026

12:54

182

Големина на фонт

а а а

Просторот пред спортската сала „Расадник“ во Кисела Вода забрзано се трансформира во прекрасно и модерно урбано катче. Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска денеска изврши увид во завршните работи од изградбата на новиот сквер, кој се протега на површина од 4.535 квадратни метри. Овој проект се реализира со средства обезбедени од Владата, како дел од инвестициите за капитални проекти во општините.

Со врши поплочување со травертин, се гради светлечка фонтана, ќе бидат поставени нови клупи и модерно осветлување. Наскоро следи и целосно хортикултурно уредување кое дополнително ќе го оплемени овој дел од населбата. Со овие активности финално се заокружува целата слика за овој комплекс, особено ако се земе предвид дека и темелната реконструкција на самата сала „Расадник“, која ја реализира Министерството за спорт во соработка со Општина Кисела Вода, е веќе пред самото завршување.

-Ова е простор кој жителите на Кисела Вода многу го сакаат и навистина ми е драго што конечно го добива изгледот кој го заслужува. Со новиот плоштад, убавата фонтана и зеленилото, просторот пред салата „Расадник“ станува вистинско место за одмор и дружење на сите генерации. Министерството за спорт веќе ја завршува целосната реконструкција на самата сала, а преку овој проект, поддржан од Владата на Република Македонија, ние го уредуваме просторот околу неа. Така заеднички покажуваме како се работи за граѓаните и како еден култен објект за нашата општина комплетно заживува со нов, модерен и функционален лик-изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.