Најмалку осум лица загинаа, а 95 се повредени во американските напади врз мостот во Карај, град во близина на Техеран, објавија локалните власти. Иранската новинска агенција „Фарс“ објави дека мостот Б1 бил погоден додека спасувачките сили им помагале на жртвите од првиот напад. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „најголемиот мост во Иран е срушен“ и го повика Техеран да постигне договор пред да биде предоцна. Генералниот
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, повика на итен прекин на војната на Блискиот Исток и прекин на непријателствата од сите страни, додека рускиот претседател Владимир Путин и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, исто така, повикаа на брз прекин на непријателствата на Блискиот Исток.
Исламската револуционерна гарда (ИРГК) објави дека соборила американски воен авион Ф-35.
„Втор американски ловец Ф-35 беше уништен на централното небо на Иран од страна на новиот напреден систем за воздушна одбрана на ИРГК. Дотичниот ловец е од ескадрилата Лакенхит“, се вели во соопштението на ИРГК, според иранската новинска агенција „Тасним“.
Како што е наведено, ловецот е целосно уништен и се урна.
„Во изминатите дванаесет часа, ова е вториот ловец што беше уништен од одбраната на ИРГК и нема информации за судбината на пилотот бидејќи ловецот се распадна. Ова е наш прв одговор на глупостите на Трамп“, се вели во соопштението на Гардата. Иранската агенција „Мехр“, исто така, објави дека е малку веројатно пилотот да преживеал. Од почетокот на војната во Иран, ова е втор извештај за погоден Ф-35.
Кувајската нафтена корпорација објави дека рафинеријата „Мина ал Ахмади“ била погодена во напад со беспилотни летала. Како што е наведено, нападите предизвикале пожар во оперативните единици, објави Ројтерс, повикувајќи се на извештаите на катарската државна новинска агенција. Според прелиминарните извештаи, никој не е повреден во нападот.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека американската армија сè уште не почнала да го уништува она што останало во Иран и рече дека следните цели, покрај мостовите, би можеле да бидат и електраните.
„Нашата армија, најголемата и убедливо најмоќната во светот, дури и не почнала да го уништува она што останало во Иран. Следни се мостовите, па електраните! Раководството на новиот режим знае што мора да се направи, и тоа мора да се направи брзо“, рече Трамп на својата мрежа „Truth Social“.












