Мицкоски на средба со Орбан: Македонија и Унгарија градат силно стратешко партнерство, економијата е во фокусот

Макфакс

30/03/2026

18:13

368

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во рамки на посетата на Будимпешта, Унгарија, оствари средба со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, а се обрати и на настан организиран од „Mathias Corvinus Collegium“ (MCC), престижна научна, образовна и истражувачка институција.

На средбата со премиерот Орбан, беше потврдена заедничката определба за продлабочување на стратешкото партнерство меѓу двете држави. Разговорите се одвиваа во исклучително конструктивна и пријателска атмосфера, при што акцент беше ставен на унапредување на економската соработка, привлекување нови инвестиции, зголемување на трговската размена и реализација на конкретни проекти од заемен интерес.

Двајцата премиери разговараа и за инфраструктурната поврзаност, енергетската стабилност и регионалната соработка, оценувајќи дека во услови на глобални предизвици, силните партнерства се клучни за обезбедување стабилност и развој. Беше истакната и важноста на поддршката што мојата држава ја добива од Унгарија во контекст на европската перспектива, при што беше нагласено дека процесот на интеграција треба да се темели на принципиелност и мерит-систем.

Мицкоски ја истакна и вредносната димензија на односите меѓу двете држави, нагласувајќи дека заедничките вредности – семејството, традицијата и зачувувањето на националниот идентитет – претставуваат темел на стабилни и просперитетни општества. Воедно, беше нагласена и улогата на Унгарија во справувањето со мигрантската криза и значењето на соработката во обезбедувањето на регионалната безбедност.


Во рамки на посетата, Мицкоски се обрати и на настан во организација на „Mathias Corvinus Collegium“, каде што говореше за значењето на лидерството, визијата и храброста во време на сериозни европски и глобални предизвици. Тој истакна дека силните држави се градат врз јасни политики, стабилни институции и доследна заштита на националните интереси.

Во обраќањето беше потенцирано дека Унгарија претставува пример за држава која со јасна визија и силно лидерство успева да обезбеди економски развој, стабилност и зачувување на идентитетот. Премиерот Мицкоски ја нагласи улогата на премиерот Орбан како лидер кој има храброст да носи одлуки во интерес на својата држава и кој придонесува за стабилноста на регионот и Европа.

Истовремено, беше посочено дека партнерството со Унгарија не е формално, туку суштинско и засновано на доверба, заеднички вредности и конкретна соработка. Двете земји, како што беше истакнато, градат стратешки сојуз насочен кон економски развој, политичка поддршка и заедничко справување со предизвиците на современото време.

Премиерот изрази благодарност за поддршката што Македонија ја добива од Унгарија, оценувајќи дека таа е искрена, континуирана и од исклучително значење за натамошното продлабочување на билатералните односи.

Беше заклучено дека посетата и денешните активности претставуваат значаен чекор напред во зацврстувањето на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Унгарија, со јасна заедничка визија за иднината, заснована на соработка, доверба и развој.