Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, вторник, ќе го пречека претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, кој ќе престојува во официјална посета на земјава.
Црногорскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и црногорската делегација.
Во рамки на официјалната посета ќе биде потпишан Меморандум за соработка помеѓу Младинските совети при Кабинетите на двајцата претседатели.
Претседателот на Црна Гора ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
В среда, со почеток во 10:00 часот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот Јаков Милатовиќ ќе одржат заедничко предавање на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.








