ЕУ ја обвинува Русија дека му помага на Иран

Макфакс

27/03/2026

10:35

146

Големина на фонт

а а а

Европските сили ја обвинија Русија дека му помага на Иран да ги таргетира американските сили на Блискиот Исток, најавувајќи дека ќе го покренат прашањето со американскиот државен секретар Марко Рубио на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Франција, објави Ројтерс.

Двајца западни безбедносни извори и регионален функционер близок до Техеран изјавија дека Русија му обезбедува на Иран сателитски снимки и помага во подобрувањето на беспилотните летала моделирани според оние што ги користела Москва во војната во Украина, пишуваат медиумите.

Русија ги негираше обвинувањата дека споделува разузнавачки информации за американските воени цели на Блискиот Исток.

Сепак, европските дипломати најавуваат дека прашањето дополнително ќе се дискутира на денешните состаноци на Г7, со оценка дека конфликтите во Украина и Блискиот Исток се меѓусебно поврзани.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро рече дека соработката меѓу Русија и Иран е „докажана и континуирана“, додавајќи дека постојат причини да се верува дека Москва во моментов ги поддржува иранските активности, вклучително и оние насочени против американски цели.

Шефицата на дипломатијата на Европската Унија, Каја Калас, претходно вчера изјави дека постојат индикации дека Русија му дава разузнавачка поддршка на Иран со цел да ги таргетира американските цели во регионот.

„Го покренуваме ова прашање бидејќи гледаме дека Русија му помага на Иран со разузнавачки информации за да ги нападне Американците“, изјави Калас пред новинарите на состанокот на Г7 во близина на Париз.

Според неа, Русија го поддржува и Иран во развојот на беспилотни летала што се користат за напади врз соседните земји и американските воени бази.

Дводневниот состанок ги собира министрите за надворешни работи на земјите од Г7 – Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД, со учество на Европската Унија