Алиу: Фокусирани сме на унапредување на условите во педијатриските оддели, модернизација со набавка на нова медицинска опрема и јакнење на човечките ресурси

Макфакс

27/03/2026

09:15

143

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство, Азир Алиу се обрати на отворањето на четвртата балканска школа на педијатрите – настан кој претставува вистинска платформа за знаење, соработка и професионален развој.

-Педијатријата, како една од најхуманите и најодговорни гранки на медицината, има клучна улога во градењето здрави генерации. Грижата за најмладите не е само медицинска обврска, туку и општествена одговорност од највисок приоритет. Токму затоа, Министерството за здравство континуирано вложува напори во унапредување на педијатриската здравствена заштита. Во таа насока, фокусирани сме на унапредување на условите во педијатриските оддели, модернизација преку набавка на нова медицинска опрема, како и јакнење на човечките ресурси. Свесни сме дека без стручен и мотивиран кадар, нема одржлив здравствен систем. Како дел од овие заложби, преку програмата за специјализации и супспецијализации, во изминатиот период преземаме конкретни чекори за надополнување на кадарот. Изминатата година се одобрени 17 специјализации по педијатрија за јавните здравствени установи, а дополнително се преземени и вработени 15 приватни специјализанти, од кои дел се ангажирани на Универзитетската клиника за педијатрија. Со тоа директно придонесуваме кон намалување на дефицитот и зајакнување на системот, истакна министерот Алиу во обраќањето.


Тој посочи дека оваа школа е од исклучително значење бидејќи овозможува размена на искуства и знаења меѓу домашни и меѓународни експерти, а присуството на еминентни предавачи од земјава и од светски рамки дава дополнителна вредност и потврдува дека сме дел од современите текови во медицината.