Иран ги објави условите за завршување на војната

Макфакс

26/03/2026

16:43

432

Големина на фонт

а а а

Иран соопшти дека има природно и законско право да го контролира Ормускиот теснец, како дел од одговорот на наводниот мировен план на САД, објавија иранските државни медиуми.

Според новинската агенција „Тасним“, поврзана со Иранската револуционерна гарда, Техеран веќе доставил одговор на предлогот од 15 точки на САД и сега чека реакција од Вашингтон.

Цитирајќи информиран функционер, агенцијата ги наведе клучните услови на Иран за можна деескалација на конфликтот: прекин на агресијата од страна на непријателот, воспоставување услови што би гарантирале дека војната нема да се повтори, јасно дефинирано воено обештетување и компензација и целосен прекин на непријателствата на сите фронтови, вклучувајќи ги сите сојузници и поврзаните групи во регионот.

Истиот извор нагласи дека Иран смета дека неговото право да го остварува суверенитетот над Ормускиот теснец е „природно и засновано на меѓународното право“.

„Иран го смета мировниот предлог на САД за едностран и неправеден“, изјави за „Ројтерс“ висок ирански функционер, додавајќи дека може да се постигне напредок ако реалноста преовлада во Вашингтон.

Иран го пренесе својот став до САД преку Пакистан, а функционерот рече дека предлогот бил „детално разгледан од високи ирански функционери и претставник на врховниот лидер на Иран во среда навечер“.

„Накратко, предлогот сугерира дека Иран треба да се откаже од својата одбранбена способност во замена за нејасен план за укинување на санкциите“, рече иранскиот функционер, додавајќи дека предлогот не ги исполнува минималните барања.

Службеникот рече дека „сè уште нема договор за преговори и дека ниту еден план за разговори не изгледа реален во оваа фаза“ и дека Турција и Пакистан се обидуваат да помогнат во „воспоставување заедничка основа меѓу Иран и САД и намалување на разликите“.

Белата куќа вчера соопшти дека САД ќе го погодат Иран „посилно од кога било досега“ ако Техеран не го прифати мировниот предлог на САД.

Иран, исто така, посочи на сопствената способност за ескалација ако не се постигне прекин на огнот. Земјата се закани дека ќе преземе мерки за блокирање на уште еден клучен морски пат, Црвеното Море и теснецот Баб ал-Мандаб, кој нуди алтернативен извозен пат за дел од нафтата од Персискиот Залив.

Американската администрација одби да открие детали за планот, но рече дека некои медиумски извештаи се неточни.

Извори од израелскиот кабинет тврдат дека планот вклучува отстранување на иранските залихи на збогатен ураниум, запирање на иранската програма за збогатување ураниум, ограничување на иранската програма за балистички ракети и прекинување на иранската поддршка за регионалните сојузници како што е либанскиот Хезболах.