Иран поставува нови услови за минување низ Ормускиот теснец

Макфакс

25/03/2026

08:50

426

Големина на фонт

а а а

Иран ги информираше Советот за безбедност на Обединетите нации и Меѓународната поморска организација дека „ненепријателски бродови“ можат да минуваат низ Ормускиот теснец ако прво се координираат со иранските власти. Пораката доаѓа во време кога војната меѓу САД и Израел против Иран речиси го запре минувањето на околу една петтина од светската нафта и течен природен гас низ теснецот, предизвикувајќи значителни прекини во глобалните испораки, објави „Ројтерс“.

Писмото од иранското Министерство за надворешни работи беше испратено во недела до 15-члениот Совет за безбедност и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Денеска, исто така беше проследено до 176-те членки на Меѓународната поморска организација (IMO), агенцијата на ОН со седиште во Лондон, одговорна за безбедноста на меѓународната пловидба и спречувањето на загадувањето на морето.

„Ненепријателските бродови, вклучувајќи ги и оние што им припаѓаат или се поврзани со други држави, можат да го остварат правото на безбеден премин низ Ормускиот теснец во координација со надлежните ирански власти. Условот е тие да не учествуваат или да не поддржуваат агресија против Иран и целосно да ги почитуваат објавените безбедносни прописи“, се вели во писмото.

Во писмото се нагласува дека Иран „презел неопходни и пропорционални мерки за да ги спречи агресорите и нивните поддржувачи да го искористат Ормускиот теснец за да спроведат непријателски операции против Иран“.

Се додава дека бродовите, опремата и целиот имот што им припаѓа на Соединетите Американски Држави или Израел, „како и на другите учесници во агресијата, не се квалификуваат за невин или ненепријателски премин“.