Левица: Куба е симбол на отпор, солидарност против империјалистичките притисоци

Макфакс

24/03/2026

18:42

249

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Левица, проф. Димитар Апасиев, заедно со пратеникот Амар Мециновиќ, денеска ја посетија кубанската амбасада во Софија, каде оствариле средба со амбасадорката Н.Е. Мариета Гарсија. На средбата, како што соопшти партијата, била изразена „цврста и недвосмислена солидарност со народот на Куба“.

Според Левица, Куба со децении се соочува со „неправедна, незаконска, нехумана и злосторничка економска блокада“, која ја оценуваат како „систем на колективно казнување“ што ги ограничува основните права, вклучително и правото на развој, здравство и образование.

Во соопштението се наведува дека Куба „останува симбол на отпор, достоинство и интернационална солидарност“, посочувајќи на нејзината улога за време на глобалната пандемија, кога испратила медицински тимови и поддршка во повеќе земји, меѓу кои и Македонија.

„Кубанските лекари, водени од идејата за хуманост, а не профит, беа таму каде што беше најпотребно“, се вели во партиското соопштение.

Од Левица додаваат дека во услови на актуелни економски тешкотии и притисоци врз Куба, „обврска е да се возврати со јасна политичка поддршка“.

Партијата бара укинување на блокадата и почитување на правото на Куба на самоопределување и развој без надворешни притисоци, како и „свет заснован на соработка, а не на доминација“.

Воедно, Левица упатува и критика до Министерството за надворешни работи, барајќи „да прекине да слугува на туѓи насилнички интереси и да го избере правецот на мирот и соработката“.