Иран го предизвикува Трамп: „Испрати бродови ако смееш“

Макфакс

16/03/2026

09:56

275

Големина на фонт

а а а

Иран ги отфрли тврдењата на САД дека се уништени иранските поморски сили и му порача на американскиот претседател Доналд Трамп да испрати бродови во Персискиот Залив „ако се осмели“. Портпарол на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) тврди дека Иран има целосна контрола врз Ормускиот теснец, пренесува Анадолија.

„Ормускиот теснец е целосно под контрола на морнарицата на ИРГЦ и Иран има целосен суверенитет над него“, рече бригадниот генерал Али Мохамед Наини, портпарол на Корпусот на Исламската револуционерна гарда. „Не тврди ли Трамп дека ја уништил иранската морнарица? Ако се осмели, нека ги испрати своите бродови во областа на Персискиот Залив“, додаде тој.

Наини тврди дека Иран досега лансирал околу 700 ракети и 3.600 беспилотни летала кон американски и израелски цели.

Војната ќе заврши кога „непријателот“ ќе ја препознае силата на военото и социјалното одвраќање на Иран, рече Наини. „Сакаме да го казниме агресорот и да продолжиме со силни и разорни напади врз непријателот“, заклучи тој.

Израел и САД започнаа заеднички напади врз Иран на 28 февруари, во кои досега загинаа околу 1.300 луѓе, вклучувајќи го и врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи. Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети врз Израел, Јордан, Ирак и земјите од Заливот каде што се стационирани американските воени сили. Ормутскиот теснец е затворен од почетокот на март.