Алиу: Насилство врз здравствен работник треба веднаш да се пријави, станува збор за кривично дело за кое е предвидена казна затвор

Макфакс

12/03/2026

13:55

148

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство, Азир Алиу заедно со претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева Старделова, денеска се обратија на прес конференција по повод одбележување на Европскиот ден за подигнување на свесноста против насилството врз здравствените работници.

- За здравствениот систем клучно е вработените да се чувствуваат безбедно на своето работно место за да може да ја овозможат потребната здравствена заштита и нега на пациентите. Изминатиот период, Лекарската комора има спроведено повеќе истражувања на оваа тема и податоците покажуваат дека дел од докторите пријавиле дека биле изложени на некаков вид насилство на работното место, а поголем број биле изложени на вербално насилство. За нас како Министерство е важно што успешно се имплементираат измените на Кривичниот законик, со кои насилството врз здравствен работник при вршење професионални работни задачи се смета за насилство кон службено лице и претставува кривично дело за кое е предвидена казна затвор, потенцираше министерот Алиу.

Тој истакна дека посебно е значајна улогата на Лекарската комора, која активно го следи постапувањето на надлежните институции и предлага мерки и политики за сузбивање на насилството во здравството, а воедно потсети дека какво било насилство врз здравствен работник треба веднаш да се пријави, затоа што станува збор за кривично дело.