ДУИ за изјавите на претседателот на Уставниот суд: Кога во Владата има заробен и потчинет ВЛЕН, антиалбанските сили се охрабруваат

Макфакс

12/03/2026

11:28

156

Големина на фонт

а а а

Демократската унија за интеграција оценува дека последните изјави на претседателот на Уставниот суд не се изолиран инцидент, туку директна последица на политичката клима што е создадена во државата.

Кога во Владата имате слабо, заробено и потчинето претставување како ВЛЕН, тогаш антиалбанските сили, велат од ДУИ, се чувствуваат охрабрени и зајакнати. „Денес сме сведоци на изјави и постапки кои порано никој не се осмелуваше јавно да ги артикулира.

Наместо да ги бранат уставните права и достигнувањата од Охридскиот рамковен договор, претставниците на ВЛЕН во Владата избраа молк и сервилност. Овој молк се толкува како дозвола за напади врз албанскиот јазик, за релативизирање на еднаквоста и за поткопување на темелите на мултиетничката држава.

ДУИ јасно порачува дека албанскиот јазик и правата на Албанците не се прашања што можат да се преговараат или релативизираат. Тие се уставни права и дел од политичкиот поредок што ја гарантира стабилноста и соживотот во државата“.

Затоа, одговорноста за оваа клима, како што додаваат, не паѓа само врз оние што даваат антиалбански изјави, туку и врз оние кои, иако се на власт, избираат да молчат и да не ги бранат овие принципи.

ДУИ ќе продолжи да реагира и политички да дејствува за заштита на еднаквоста, Охридскиот рамковен договор и мултиетничкиот карактер на државата, најавуваат од партијата.