Американските сили уништија повеќе ирански воени бродови, вклучувајќи 16 бродови за поставување мини, објави Централната команда на САД (CENTCOM). Според соопштението, нападите биле извршени синоќа во близина на Ормускиот теснец, клучен поморски премин низ кој минува голем дел од светската енергетска трговија.
„Американските сили елиминираа повеќе ирански воени бродови, вклучувајќи 16 бродови за поставување мини, во близина на Ормускиот теснец“, објави CENTCOM, заедно со видео снимки од нападот.
U.S. forces eliminated multiple Iranian naval vessels, March 10, including 16 minelayers near the Strait of Hormuz. pic.twitter.com/371unKYiJs
— U.S. Central Command (@CENTCOM) March 10, 2026
Соопштението на американската војска доаѓа по извештаите дека Иран почнал да поставува мини во Ормутскиот теснец, најважното енергетско тесно грло во светот низ кое минува околу една петтина од светската трговија со сурова нафта.
Два извори запознаени со извештаите на американските разузнавачки служби изјавија за Си-ен-ен дека иранските сили поставиле десетици мини во последните денови, иако операцијата сè уште не е од големи размери.
Според истите извори, Иран сè уште има на располагање повеќе од 80 до 90 проценти од своите мали бродови и бродови за поставување мини, што значи дека би можел релативно брзо да постави стотици мини во стратешки важниот воден пат.
Иранската револуционерна гарда, која заедно со редовната морнарица практично го контролира теснецот, има можност да распореди „појас“ од дисперзирани бродови за поставување мини, бродови натоварени со експлозив и крајбрежни ракетни батерии, претходно објави Си-ен-ен.
По медиумските извештаи за поставувањето мини на Ормутскиот теснец, се огласи американскиот претседател Доналд Трамп.
„Доколку Иран поставил какви било мини во Ормутскиот теснец, а во овој момент немаме извештаи дека го сториле тоа, сакаме да се отстранат – СЕГА! Доколку поради која било причина се постават мини, а не се отстранат веднаш, воените последици за Иран ќе бидат од невидени размери. Од друга страна, ако го отстранат она што можеби е поставено, тоа ќе биде голем чекор во вистинската насока!“, напиша Трамп на својот профил на социјалните мрежи.












