Иран ја обвини Европската унија за лицемерие и двојни стандарди откако шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, ги критикуваше нападите на Хезболах врз Израел.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Бакаеи, на социјалната мрежа Икс напиша дека ЕУ покажала рамнодушност додека Израел, како што рече, вршел геноцид во Газа и изведувал напади во Либан и други земји.
„А сега, кога Либан се спротивставува, одеднаш се сеќавате на ‘меѓународното право’“, напиша Бакаеи.
Тој додаде дека ЕУ не може да тврди дека зборува во име на европските граѓани, чии луѓе гласно ги осудуваат израелските злосторства.
Неговите изјави следуваат по коментарите на Каја Калас, која оцени дека одлуката на Хезболах да го нападне Израел го загрозува регионот.
Калас истакна и дека Израел има право на самоодбрана според меѓународното право, но предупреди дека претераниот одговор предизвикува масовно раселување и дополнително ја дестабилизира и онака кревката ситуација.








