[ФОТО] Пријателство кое не бледнее: Средбата на ѕвездите од „Harry Potter“ на Бродвеј ги воодушеви фановите

Точка

07/03/2026

08:15

478

Големина на фонт

а а а

Актерите Том Фелтон и Даниел Редклиф беа заедно на Бродвеј, 24 години по премиерата на првиот филм од франшизата за волшебникот Хари Потер.

Имено, Фелтон на Инстаграм сподели фотографии на кои се гледа како го прегрнува Редклиф по изведбата на претставата „Every Brilliant Thing“ на Бродвеј.

Фелтон (38), кој во филмската сага го глумеше негативецот Драко Мелфој во сите осум филмови, дојде да го поддржи Редклиф (36) за време на неговата изведба, а неговата објава разбуди носталгија.


„Драко конечно стана пријател со Хари“, „Прекрасно“, „Навистина ми се допаѓа оваа објава“, „Ова е толку симпатично“, „Ве сакам“, „Собир на Слитерин и Грифиндор кој сите го чекавме“, „Ми се допаѓа како вашето пријателство никогаш не бледнее низ годините. Многу сум горд на вас во сè што правите. Толку прекрасно фатен момент, Том“, беа само некои од коментарите под објавата.

Инаку, Фелтон моментално го игра ликот на Драко Мелфој во претставата „Harry Potter and the Cursed Child“, која исто така се изведува на Бродвеј.

Фелтон и претходно доаѓал да го поддржи својот долгогодишен пријател на Бродвеј. Тој присуствуваше на изведбата на претставата „Merrily We Roll Along“ во декември 2025 година, како и во 2018 година, кога Редклиф настапуваше во претставата „The Lifespan of a Fact“.

Зборувајќи за „People“ на црвениот тепих на доделувањето на наградите Тони минатиот јуни, Фелтон рече дека Редклиф го поддржувал додека дебитирал на Бродвеј.

„Мојот стар школски пријател, Потер, Редклиф, многу настапуваше на Бродвеј, па ме држи за рака и секако ми помага во сите работи што е тешко да се научат. Сепак, од она што го разбрав, тоа е неверојатна заедница на луѓе. Фановите навистина, навистина се љубезни и возбудени. Затоа едноставно сум воодушевен што сум дел од тоа“, изјави тогаш Фелтон.


Редклиф, кој го толкуваше насловниот лик во сите осум продолженија на филмската франшиза за Хари Потер од 2001 до 2011 година, дебитираше на Бродвеј во 2008 година во обновената верзија на претставата „Equus“.

Потоа настапуваше и во претставите „How to Succeed in Business Without Really Trying“ во 2011 година, „The Cripple of Inishmaan“ во 2014 година и „The Lifespan of a Fact“ во 2018 година.

Неодамна глумеше во обновената верзија на мјузиклот „Merrily We Roll Along“ од 2023 година заедно со Џонатан Гроф и Линдзи Мендез, за кој ја освои наградата Тони за најдобар актер во мјузикл.