Ворен: Војната против Иран заснована на лаги

Макфакс

04/03/2026

18:11

265

Големина на фонт

а а а

Демократската сенаторка Елизабет Ворен денес изјави дека по доверлив брифинг за војната против Иран, „потврдено“ е дека ситуацијата е „многу полоша отколку што се мислеше“, оценувајќи дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп нема јасен план за прекин на конфликтот или оправдување за негово започнување.

По напуштањето на затворен состанок одржан со претставници на администрацијата, сенаторката од американската држава Масачусетс во видео објавено на социјалните мрежи изјави дека војната е „нелегална и заснована на лаги“ и дека е започната без непосредна закана за Соединетите Американски Држави.

„Она што можам да го кажам е дека е многу полошо отколку што мислите. Имате право да бидете загрижени. Администрацијата на Трамп нема план за Иран“, рече Ворен во видео порака објавена на социјалната мрежа Икс. Таа додаде дека претседателот досега не понудил „никаква јасна причина за оваа војна“ или план за нејзино прекинување, нагласувајќи дека е „бесна поради она што го прави Трамп“ и дека жали за жртвите во она што го нарече „непотребен конфликт“.

Слични ставови изразија и американскиот портал „Дејли бист“ и демократскиот сенатор од Конектикат, Крис Марфи, кој по брифингот изјави дека е „уште поубеден дека конфликтот ќе биде долготраен и без јасен крај“, оценувајќи дека може да прерасне во „мултитрилионски, отворен конфликт со нејасни и променливи цели“. Неговиот партиски колега, сенаторот Ричард Блументал, предупреди дека се плаши дека Соединетите Американски Држави би можеле да испратат копнени сили во регионот за да ги постигнат целите на администрацијата.

Сенатот на САД денес, а Претставничкиот дом утре, треба да гласаат за резолуции за воени овластувања, кои имаат за цел да го спречат Трамп да продолжи да го напаѓа Иран без одобрение од Конгресот. Соединетите Американски Држави и Израел го нападнаа Иран наутро во саботата, 28 март, во она што беше најавено како „превентивни напади“, што се случи по неуспехот на неколку рунди преговори за нуклеарната програма на Иран.

Потоа Иран започна масовни одмазднички напади врз Израел и цели поврзани со САД низ регионот на Блискиот Исток.