Санчез: Трамп игра „руски рулет“ со животите на милиони луѓе

Макфакс

04/03/2026

11:17

365

Големина на фонт

а а а

Шпанскиот премиер Педро Санчез повторно се спротивстави на нападите врз Иран што ги изведуваат САД и Израел, предупредувајќи дека со тие потези се „игра руски рулет со животите на милиони луѓе“.

Санчез се обрати откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани со прекин на трговијата со Шпанија поради ставот на Мадрид за конфликтот.

„Така почнуваат големите катастрофи на човештвото. Не може да се игра руски рулет со судбината на милиони луѓе“, изјави Санчез во телевизиско обраќање.

Тензиите меѓу двата сојузника во НАТО се зголемија откако Санчез го осуди американско-израелското бомбардирање на Иран, нарекувајќи го непромислено и незаконско. Шпанија потоа забрани користење на американски авиони од поморските и воздушните бази во јужниот дел на земјата за напади врз Техеран.

Санчез порача дека светот не може да ги решава проблемите со конфликти и бомби и нагласи дека ставот на шпанската влада може да се сумира со зборовите „не за војна“.

„Нема да бидеме соучесници во нешто што е лошо за светот и спротивно на нашите вредности и интереси само за да избегнеме одмазда“, изјави шпанскиот премиер.

Тој потсети и на последиците од американската инвазија на Ирак во 2003 година, која доведе до пораст на тероризмот и на цените на енергијата, додавајќи дека причините и последиците од нападот врз Иран исто така се нејасни.

Шпанскиот министер за надворешни работи Хосе Мануел Албарес изјави за шпанската телевизија ТВЕ дека нападот врз Иран нема цел да воспостави демократија и нагласи дека Шпанија е суверена држава која одлуките ги носи во согласност со меѓународното право.