Шпанија одговори на заканите на Трамп за прекин на трговските односи

Макфакс

03/03/2026

20:20

427

Големина на фонт

а а а

Шпанската влада одговори на заканата на американскиот претседател Доналд Трамп за прекинување на трговските односи со Шпанија, која ја нарече „ужасен“ сојузник поради наводно несоработка во врска со воените бази.

Во соопштението, владата посочува дека ако Вашингтон сака да ги преиспита трговските односи, „ќе мора да го стори тоа почитувајќи ја автономијата на приватните компании, меѓународното право и билатералните договори меѓу Европската Унија и САД“, објави RTVE.es.

Владата, исто така, ја бранеше позицијата дека Шпанија е клучна членка на НАТО која ги исполнува своите обврски и значително придонесува за одбраната на европската територија.

„Ние сме исто така извозна сила на ЕУ и сигурен трговски партнер за 195 земји низ целиот свет, вклучувајќи ги и САД, со кои одржуваме историски и меѓусебно корисни трговски односи“, се наведува во соопштението.

И покрај сè, Мадрид посочи дека Шпанија ги има потребните ресурси за ублажување на евентуалните удари, за помош на секторите што би можеле да бидат погодени и за диверзификација на синџирите на снабдување.

Во секој случај, се додава во соопштението, волјата на владата е и секогаш ќе биде да се залага за слободна трговија и економска соработка меѓу земјите, со меѓусебно почитување и почитување на меѓународното право.