ВМРО-ДПМНЕ: СДС нема кредибилитет да зборува за партизација

Макфакс

28/02/2026

15:43

128

Големина на фонт

а а а

Венко Филипче и Зоран Заев се дел од партија која, според ВМРО-ДПМНЕ, стои зад стратегија за партизација на институциите, од стручните служби до највисоките раководни функции во државата.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека СДС нема основ да обвинува за партизација и некомпетентност на кадри, особено кога станува збор за актуелното раководство на Развојна банка на Македонија.

Од партијата посочуваат дека на чело на Развојната банка во моментов е, како што велат, докажан професионалец во областа на развојното банкарство. За Ефимија Димовска наведуваат дека е стипендист и најуспешен постдипломец во генерацијата на University of Pittsburgh, дека е доктор на економски науки и универзитетски професор со истражувања насочени кон финансирањето на малите бизниси. Дополнително, според реакцијата, таа е ангажирана како консултант од Европска комисија за анализи на финансискиот сектор во земјите од регионот.

Во реакцијата се осврнуваат и на поранешниот директор на Развојната банка, Кире Наумов, за кого велат дека е истакнат кадар на СДС. Посочуваат дека својата кариера ја започнал во поранешната Агенција за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, позната како Агенција за приватизација, и дека во периодот на владеење на СДС извршувал повеќе функции, меѓу кои советник за економски прашања на премиер и претседател, дополнителен заменик-министер за финансии и заменик-министер за економија.

Од ВМРО-ДПМНЕ дополнително обвинуваат дека Наумов во последниот период не ги извршувал своите обврски и ги блокирал активностите на Развојната банка, што, според нив, било причина за неговото разрешување.

„Ова се фактите. Нека прочитаат и научат во СДС“, се наведува во реакцијата на партијата.