Судот во Њу Орлеанс му нареди на актерот Шаја Лабаф да се врати на лекување од зависност од дрога и алкохол и му одреди кауција од 100.000 долари, откако актерот беше обвинет за две кривични дела напад поради физичка пресметка пред бар.
Лабаф, кој сам седел во судницата, облечен во флис-јакна и фармерки вовлечени во каубојски чизми, добил и усна опомена од судијката поради наводно дофрлање хомофобични навреди додека удирал повеќе лица во квартот Аптаун во Њу Орлеанс. Во полицискиот извештај се наведува дека на една жртва ѝ го исчашил носот.
Судијката на Кривичниот суд Симон Левин му нареди на 39-годишниот Лабаф да се подложи на неделни тестови за дрога, вклучително и тест на лице место во зградата на судот. Лабаф се согласил, а неговиот адвокат изјави дека тестот не покажал присуство на нелегални супстанци во неговиот организам.

Левин го оцени инцидентот претходно овој месец како загрижувачки за „безбедноста на пошироката заедница, особено кога станува збор за маргинализирана заедница која поминала низ толку многу терор“, мислејќи на ЛГБТ заедницата.
„Овој обвинет својата зависност од алкохол не ја сфаќа сериозно. Овој суд не верува дека тој го разбира нивото на сериозност кога станува збор за овие обвиненија“, рече таа.
Лабаф ја уплатил кауцијата и одбил да даде коментар за новинарите. Сè уште формално не се изјаснил за вина по обвиненијата.
„Не, нема да кажам ниту збор. Бог да ве благослови, оставете ме на мир“, рече во ходникот на судот, враќајќи се од тестот за дрога и алкохол пред судската одлука.
Локалниот забавувач Џефри Дамнит, кој во полицискиот извештај е наведен како Џефри Клајн, претходно за агенцијата „Associated Press“ раскажа дека Лабаф повеќепати го удирал со тупаници и користел хомофобични навреди, заканувајќи му се со смрт. Дамнит изјави дека верува дека Лабаф целно го нападнал затоа што носел шминка.

„Овој човек сака да бидам мртов затоа што носам шминка. Тоа е целосно изопачена работа“, рече Дамнит.
Судијката изјави дека, кога првично го пуштила Лабаф на слобода без кауција неколку часа по неговото апсење на 17 февруари, сè уште немала увид во полицискиот извештај во кој се опишува како актерот наводно користел хомофобични навреди додека се враќал во барот и удирал луѓе откако бил замолен да си замине. Се појавија и видеоснимки од судирот на кои се гледа како Лабаф удира повеќе лица.
Левин му наложи на Лабаф да се држи подалеку од жртвите и од барот во кој се случил инцидентот. Судијката го одби неговото барање во март да патува во Рим поради верски обреди. Левин на рочиштето изјави дека е загрижена дали Лабаф воопшто може да се справи со алкохолот.







