Пратеничката група на Левица ќе поднесе измени на два закони, со заедничка цел – финансиско растеретување на физичките лица и малите економски субјекти, вклучително семејните бизниси, занаетчиите и регистрираните земјоделци, информираше на денешната прес конференција пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан.
Тој појасни дека предлогот предвидува двојно зголемување на максималниот износ за поврат на ДДВ по физичко лице на тромесечје – од 2.100 на 4.100 денари, како и зголемување на процентот на поврат преку апликацијата „Мој ДДВ“: од 20% на 40% за македонски производи и од 10% на 20% за останатите.
Дополнително, се предлага зголемување на прагот за задолжителна регистрација за ДДВ-обврзник од 2 на 4 милиони денари годишен промет, со цел да се намали административниот и финансискиот товар врз малите фирми.
„Со оваа мерка сакаме да го растеретиме даночниот товар кој во моментов е непропорционално распределен – на штета на малите бизниси, додека големите компании користат бројни олеснувања и субвенции. Административните трошоци и за УЈП и за малите субјекти често се поголеми од самата даночна обврска. Со овој пакет отвораме суштинска дилема – кој навистина го носи товарот на даночниот систем во Македонија? Нашата цел е јасна: прогресивен и праведен даночен систем. Оттука, и во иднина ќе предложиме други мерки од овој тип за остварување на оваа цел”, рече Исмаил – Хактан.








