Како што дознава „E! News“, 34-годишниот инфлуенсер Џордан Џејмс Парк починал во Лондон, а смртта ја констатирала екипа на итната помош, која, како и полицијата, реагирала на повик за маж „без свест на Линколн Плаза во областа Кенари Ворф во Лондон“.
Полицијата додала дека „неговата смрт во моментов се третира како неразјаснета“ и дека истрагата е во тек, но се сомнева дека жртвата можеби пред смртта била подложена на козметички зафат, чија причина засега не е позната.

Имено, Џордан Џејмс Парк ѝ беше познат на јавноста и како ѕвезда на ријалити-шоуто „Botched“, но и поради својот „пластичен“ изглед.

На 19-годишна возраст го започнал своето патување со пластичната хирургија, а оттогаш се подложил на десетици козметички зафати, вклучувајќи неколку операции на носот, филери во вратот, усните и вилицата. Сепак, најголемо внимание привлекуваа неговите усни.

Парк отворено зборувал за тоа како потрошил околу 150.000 долари за да изгледа како неговиот идол Ким Кардашијан, а пред десетина години во едно интервју изјавил дека ужива во погледите што ги добива.

„Го сакам сето тоа внимание и погледите што ги добивам на улица. Омразата ја поздравувам – таа само значи повеќе внимание. И ако ништо друго, ме поттикнува да работам уште повеќе“, изјавил своевремено за британскиот весник „The Sun“.





