Колапс во Австрија поради снегот: Аеродромот во Виена затворен, автобус затрупан од лавина

Макфакс

20/02/2026

11:20

173

Големина на фонт

а а а

Силна зимска бура го погоди поголемиот дел од Австрија и предизвика хаос низ целата земја. Поради обилните снежни врнежи и силниот ветер, аеродромот во Виена привремено го прекина сообраќајот, додека на патиштата се случуваат несреќи и сообраќајни метежи. Во Тирол, лавина затрупа автобус со патници.

Застрашувачко сценарио се случи рано утрово во тиролската долина Лехтал. Во општината Бах, малку пред 5 часот, лавина затрупа автобус што превезуваше единаесет патници. Според полицијата, за среќа никој не е повреден.

Поради лошите временски услови, виенскиот аеродром Швехат привремено ги прекина сите операции утрово.

Околу 117 летови беа закажани да полетуваат до 9 часот наутро, од кои 19 беа откажани, а аеродромот не ја исклучува можноста за понатамошни откажувања. „Интензивно работиме на што е можно побрзо враќање на воздушниот сообраќај. Според моменталните прогнози, снегот треба да престане да паѓа во текот на утрото“, изјави портпаролот на аеродромот.