„Фајненшл тајмс“: Крај на една ера, Лагард се повлекува од функцијата

Макфакс

18/02/2026

12:20

181

Големина на фонт

а а а

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, би можела да се повлече од таа позиција пред крајот на нејзиниот осумгодишен мандат во октомври, објави „Фајненшл тајмс“ (FT), наведувајќи дека нејзиното заминување би можело да се случи пред претседателските избори во Франција.

Британскиот весник, повикувајќи се на неименуван извор запознаен со нејзините планови, наведува дека Лагард сака да ја напушти својата функција пред изборите во Франција, за да можат францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц да се договорат за нејзиниот наследник.

Не е прецизирано кога евентуално би можела да се пензионира.

Портпаролката на Европската централна банка објави дека „претседателката Лагард е целосно посветена на својата мисија“ и дека не донела никаква одлука во врска со завршувањето на нејзиниот мандат.

Според Блумберг, европските влади ја разгледуваат можноста за забрзан избор на наследник со цел да се избегне сценарио во кое евентуална крајно десничарска влада во Франција би одлучила за ова по изборите во 2027 година.

Членката на Извршниот одбор на ЕЦБ, Изабел Шнабел, и претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел, се споменуваат како можни кандидати.

„Фајненшл тајмс“ исто така пишуваше во мај 2025 година за можноста за нејзино предвремено заминување, наведувајќи дека таа е во преговори за преземање на функцијата на чело на Светскиот економски форум, додека ЕЦБ потоа објави дека е решена да го заврши својот мандат.

Макрон, кој веќе отслужи два последователни мандати, не може повторно да се кандидира во 2027 година според сегашните правила.

Тврдењата на „Фајненшл тајмс“ дојдоа една недела откако гувернерот на Банката на Франција, Франсоа Вилерој де Гало, објави дека ќе се повлече во јуни оваа година, пред крајот на неговиот мандат, што ќе му овозможи на Макрон да именува наследник пред претседателските избори.

Мандатот на Кристин Лагард на чело на ЕЦБ трае до 31 октомври 2027 година.

Пред да дојде на чело на таа институција, таа беше генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд од 2011 до 2019 година, а претходно ја извршуваше функцијата министер за финансии на Франција.