Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, го прими амбасадорот на Република Чешка во Македонија Н.Е. Јарослав Лудва и директорот на Генерален директорат за противпожарна и спасувачка служба при Министерство за внатрешни работи на Република Чешката, Владимир Влчек, заедно со неколкучлена делегација.
Тема на разговор на средбата во ДЗС беше соработката на полето на заштита и спасувањето и за процесите на трансформација на системот за управување со кризи и за чешките искуствата во оваа област. Притоа, Ангелов посочи дека Македонија е во фаза на темелна реформа, со цел обединување на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување во единствен, функционален и поефикасен систем. На средбата во ДЗС беа споделени искуства за едукација на пожарникари, а и стручни мислења за заштита и спасување, со можност за заедничко учество на планирани оперативни вежби.
Ангелов, при работната средба, им се заблагодари на високите претставници на Чешка за поддршката на Македонија за справување со кризни ситуации: „не само со давањето на опрема и технички средства, како на пример, вчерашната донација на противпожарно возило „татра” со капацитет oд 10 тони за пожарникарите од Кочани, туку и за директното помагањето со чешки сили, со опрема и со техника при справување со огнените стихии, конкретно со противпожарното дејство на чешкиот хеликоптер ,,блек хок” минатото лето, што беше успешно реализирано во содејство со противпожарни сили од нашата земја и од Словенија.








