Биатлонецот Стурла Холм Легрејд (28) освои бронза на Зимските олимписки игри, по што призна дека ја изневерил девојката, но таа сепак не му го прости неверството.
Норвежанецот ги остави сите без зборови кога веднаш по освојувањето на медалот призна дека ја изневерил девојката, која ја нарече љубов на неговиот живот, и заплака пред камерите. Веројатно се надеваше дека по ваквиот гест – јавно признание пред целиот свет – таа ќе се смилува и ќе му прости.
Но тоа не се случи. Медалот не помогна, ниту солзите, а според сè изгледа дека простувањето ќе биде многу тешко.

„Дури и по изјавата за љубов пред целиот свет, тешко е да се прости. Не избрав да бидам во оваа позиција и ме боли што морам да поминувам низ ова. Бевме во контакт и тој го знае моето мислење за сè – порача девојката, која побара да остане анонимна.
Легрејд по освојувањето на медалот призна дека тоа била најтешката недела во неговиот живот и дека девојката ја изневерил три месеци претходно.

„Постои некој со кого сакав да го споделам ова, а кој можеби денес не го ни гледа. Пред шест месеци ја запознав љубовта на мојот живот, најубавата и најдобрата личност на светот. А пред три месеци ја направив најголемата грешка и ја изневерив. Сакав да бидам добар пример. Бев неверен и морав да ѝ ја кажам вистината. Тоа беше најтешката недела во мојот живот“, изјави Легрејд.
Поради грешката што ја направил, спортот, како што вели, паднал во втор план.

„Имав златен медал во животот и сигурен сум дека многумина ќе гледаат на работите поинаку, но јас имам очи само за неа. Спортот последниве неколку дена беше во втор план“.












