Скијањето на италијанските Алпи во текот на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина, сѐ повеќе станува луксуз којшто е наменет за помал број луѓе.
Туристите кои сакаат да престојуваат во места на долината Фием, се соочуваат со значително повисоки трошоци за сместување, ски-пасови и практични услуги, додека локалните жители и потрошувачките организации предупредуваат дека поскапувањето е делумно последица на шпекулациите поврзани со Олимпијадата.

⛷️ Колку ќе ве чини скијањето во Италија?
Едно семејство од околината на Рим покажало колкави се реалните трошоци за зимување во оваа област.
Имено, тие за шест ноќи во хотел издвоиле околу 1.500 евра, додека дополнителните трошоци за кратко се зголемиле во текот на престојот.
Ручек во планински ресторан чини околу 80 евра дневно за цело семејство, часови за скијање за децата изнесуваат околу 240 евра од дете, а изнајмувањето опрема околу 100 евра од човек.
Кога на сето тоа ќе се додадат трошоци поврзани со ски-пасовите, вкупната сума за една недела достигнува околу 3.000 евра.
Посебен товар претставуваат цените на ски-пасовите. Дневна карта во овој регион чини 71 евро во главна сезона, додека пак во послабиот период цената е 64 евра.

Според податоците на италијанското здружение за заштита на потрошувачите, цените на ски-пасовите се зголемиле за околу 40 отсто во последните четири години.
Претседателот на здружение за права на потрошувачи Асутенти Габриел Мелуко, оценува дека таквиот раст не е оправдан затоа што инфлацијата во Италија веќе две години е постабилна, а енергетската криза на која често се повикува индустријата, одамна е завршена.
Поради тоа сѐ повеќе семејства оценуваат дека скијањето го губи карактерот на масовен спорт.
Родителите истакнуваат дека се подготвени на големи трошоци за на децата да им овозможат занимавање со зимските спортови, но признаваат дека тоа повеќе не е опција достапна за сите. Во тој контекст, скијањето сѐ почесто се опишува како елитен спорт, резервиран за домаќинствата со приходи значајно над просекот.
Операторите на ски-центрите ги отфрлаат обвиненијата како шпекулации и потенцираат дека ски-центрите во последните години станале високотехнолошки системи, со современи гондоли, сложена инфраструктура и интензивни вештачки снегови, што значајно ги зголемува трошоците на работа.

Хотелите и приватните сместувања во текот на олимпискиот период ги зголемиле цените и до 20 отсто во однос на новогодишните празници.
Додека организаторите ја истакнуваат користа и глобалната промоција на регионот, растот на цените и притисокот на пазарот на недвижнини укажува дека товарот на големиот спортски настан како ЗОИ неретко го носат оние кои во тие места живеат и работат во текот на целата година.












