Синот на познатиот американски рапер пронајден мртов во езеро: Под необични околности ја напуштил семејната куќа

Точка

07/02/2026

15:52

731

Големина на фонт

а а а

Синот на американскиот рапер Лил Џон, Нејтан Смит (27) е пронајден мртов во езеро во сојузната држава Џорџија, неколку дена откако било пријавено неговото исчезнување. Трагичната вест ја потврди и самиот музичар во изјава за медиумите.

Пронајдено тело во езеро

Полициската управа на градот Милтон во петок, на 6 февруари, соопштила дека во блиското езеро е пронајдено тело за кое веруваат дека му припаѓа на Нејтан Смит. Во соопштението навеле дека исчезнувањето на Смит било пријавено во вторник, на 3 февруари и дека службениците утврдиле оти тој „го напуштил својот дом под необични околности“, по што била започната потрага.


„Бидејќи господинот Смит не беше пронајден, тимовите ја проширија потрагата и на езерото во паркот Мејфилд, во близина на неговото живеалиште. На 6 февруари 2026 година, околу 11:53 часот, нуркачи од противпожарната служба на округот Чероки пронајдоа и извлекоа тело од езерото. Се верува дека станува збор за Нејтан Смит, до официјалната потврда од Канцеларијата на медицинскиот истражител на округот Фултон“, се наведува во соопштението на полицијата.


Според наводите, „нема индиции за кривично дело“, но истрагата останува „отворена и активна“. Полицијата додаде дека нема да бидат објавени дополнителни детали сè додека не се утврди официјалната причина за смртта и побара јавноста и медиумите да ја почитуваат приватноста на семејството.

Скршениот татко: „Тој беше најпрекрасното човечко суштество“

Набргу по соопштението на полицијата, Лил Џон ја потврди смртта на својот син.


„Срцето ми е скршено поради трагичната загуба на нашиот син, Нејтан Смит. Неговата мајка и јас сме разорени“, изјави раперот. „Нејтан беше најпрекрасното човечко суштество што можевте да го запознаете. Беше исклучително грижлив, внимателен, пристоен, страстен и топол – го сакаше своето семејство и пријателите во неговиот живот до самиот крај. Беше неверојатно талентиран млад човек: музички продуцент, уметник и инженер, и дипломец на Универзитетот во Њујорк. Го сакавме Нејтан со сето срце и неверојатно сме горди на него. Беше сакан и ценет, а нè теши сознанието дека во нашите последни заеднички моменти токму тоа и му го кажавме“, истакна тој.


Раперот им се заблагодари на сите за молитвите и поддршката за време на потрагата, како и на полициските и противпожарните служби и на бројните волонтери кои помогнале.

Исчезнал под необични околности

Полициската управа на Милтон на 3 февруари објавила пријава за исчезнување на Нејтан Смит, наведувајќи дека последен пат бил виден истиот ден во 6 часот наутро. „Лицето истрчало од куќата и оттогаш му се губи трагата. Замнало пешки и нема телефон. Можно е да е дезориентирано и да му е потребна помош. Семејството и пријателите се загрижени за неговата безбедност“, пишувало во тогашната објава.

Додека потрагата сè уште траела, претставник на Лил Џој изјавил дека семејството моли за приватност и за продолжување на молитвите Нејтан безбедно да се врати дома.


Тргнал по стапките на татко му

Лил Џон, со вистинско име Џонатан Смит, го добил синот Нејтан во бракот со Никол Смит, од која пријателски се разделил во 2024 година по 20 години брак. Нејтан исто така беше музичар и диџеј, а настапувал под имињата DJ „Young Slade“ или „Slade“. Својот последен сингл, „Feels“, го објавил во март 2025 година.

Минатата година Нејтан учествувал во емисијата на „MTV“- „Family Legacy“ и отворено зборувал за растењето покрај славниот татко. „Одлично е да го цениш татко ти, да му укажуваш почит и да согледаш сè што постигнал, а потоа е убаво да го преземеш тој факел и да работиш по свое. Тоа на некој начин произлегува од него, но јас тоа дефинитивно го земам и го претворам во нешто мое“, изјавил тогаш.