Најмалку две лица загинаа денес во лавина во планинскиот масив Високи Татри на север од Словачка, соопшти полициската управа на регионот Прешов.
Трагедијата се случила кратко по 11:00 часот во Зломишкова долина, во подножјето на врвот Тупа, пренесува TASR.
Според првичните информации, лавината затрупала двајца мажи кои биле во областа.
Полицијата потврди дека жртвите се странски државјани, но засега не се објавени нивните идентитети и земјите од кои доаѓаат.
„Полицијата интензивно работи на расветлување на околностите на несреќата. Поради ситуацијата на терен, во овој момент не е можно да се дадат повеќе детали“, се наведува во соопштението.
Спасувачките екипи се уште се на местото на настанот, а властите предупредуваат дека постои зголемен ризик од нови лавини во високите планински области.








