Во главниот град на Оман, Маскат, заврши нов круг преговори меѓу Иран и САД, при што, според иранската државна агенција ИРНА, двете страни покажале подготвеност за продолжување на дијалогот. Агенцијата „Тасним“ објави дека е договорено разговорите да продолжат, но не е наведено кога би се случило тоа.
Преговорите се одвивале со посредство на оманскиот министер за надворешни работи, Саид Бадр Албусаиди. Иранскaта делегација ја предводел шефот на дипломатијата Абас Аракчи, а американската страна била претставувана од специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џеред Кушнер, зетот на Доналд Трамп. На разговорите присуствувал и адмиралот Бред Купер, командант на Централната команда на американската армија (CENTCOM).
Министерот Аракчи во изјава за иранските државни медиуми по средбата истакна дека разговорите биле „многу добар почеток“ и дека биле одржани во „многу позитивна атмосфера“. Додаде дека двете делегации се договориле да продолжат со консултации со своите челници.
И покрај тоа што не беа соопштени детали за конкретните теми, оманскиот министер за надворешни работи Албусаиди изрази оптимизам и оцени дека било „корисно да се разјаснат ставовите на двете страни и да се утврдат можности за напредок“. Тој на социјалната мрежа „Икс“ (поранешен Твитер) напиша дека резултатите ќе бидат внимателно разгледани од Техеран и Вашингтон.








