Полицајци, наставничка и пожарникар земале пари од граѓани за да им средат побрзо да извадат лични документи

Макфакс

06/02/2026

13:45

207

Големина на фонт

а а а

Двајца полицајци, наставничка и пожарникар се осомничени за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание односно за пари овозможувале граѓаните побрзо да извадат пасош, лична карта и возачка дозвола.

Полицијата поднесе кривична пријава против М.С., на работно место полицаец во Одделението за безбедност на патниот сообраќај во СВР Скопје, во моментот на сторување на делото со наредба распореден во Одделението за управни работи Скопје, П.П., на работно место полицаец во Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје, В.Р., вработена како наставник во средно училиште во Скопје и А.С., вработен како пожарникар во Град Скопје.

„Пријавените во период од февруари до април 2024 година, заеднички, по претходен договор воспоставиле шема, на начин што организирале и спроведувале постапки за издавање на лични документи (лична карта, пасош и возачка дозвола), а со цел стекнување противправна имотна корист, така што трето и четврто пријавените наоѓале заинтересирани граѓани кои имале потреба од изготвување на лични документи, кои им ги доставувале нивните лични податоци во форма на фотографии на трето и четврто пријавените, а овие фотографиите ги испраќале на второпријавениот П.П.“, соопшти МВР.

Второпријавениот посредувал и интервенирал заинтересираните граѓани да ја започнат процедурата за издавање на лични документи, на начин што го поттикнувал првопријавениот М.С., кој како службено лице вршел дејствија на фотографирање и прием на барања, како негови редовни работни обврски.

„Наведените дејствија биле вршени врз претходен договор за одреден паричен надомест со точно утврдена цена, време и начин на извршување со јасно распределени улоги, создавајќи паралелен неформален начин на постапување со кој за паричен надомест овозможувале побрзо остварување на правото за јавна услуга, со намера да се стекнат со противправна имотна корист, нарушувајќи го принципот на еднаков пристап на граѓаните до јавните услуги“, соопштиа МВР.