„Facebook“: Како е создадена мрежата на сите мрежи

Точка

05/02/2026

19:58

513

Големина на фонт

а а а

За талентираниот 18-годишник интерес покажал моќниот „Microsoft“. Му понудиле одлично платена работа и останале прилично шокирани кога тој без двоумење ги одбил. „Жал ми е, но само што сум примен на Харвард“, им рекол.

Кога Марк Закерберг на 4 февруари 2004 година ја започна веб-страницата thefacebook.com (подоцна „the“ беше исфрлено од името), не можел ни да претпостави дека отвора Пандорина кутија.

Социјалната мрежа што започна како шега денес брои милијарди корисници, а својот креатор го направи еден од најбогатите луѓе на планетата. Оние што се „уловија“ во таа мрежа добија можност да водат активен социјален живот без да мораат да излезат од удобноста на сопствениот дом.

Дури и крајно одбивна личност, со која во реалниот свет ни пијан човек пред локалната продавница не би се дружел, во виртуелниот универзум на „Facebook“ може да се пофали со стотици, па и илјадници „пријатели“. На „Facebook“ сум, значи постојам – е мантра на оние што секојдневно пишуваат по својот и по туѓите „ѕидови“.

Револуција во комуникацијата

Овој сервис ни овозможува воајерски да ѕиркаме во туѓите животи. Попаметните можат да го користат како "perpetuum mobile" маркетиншки механизам. Ако сте наклонети кон револуции и слични потфати, „Facebook“ ви овозможува со молскавична брзина да соберете бројни следбеници...

Секако, има и такви што ќе ве предупредат на негативните страни на мрежата, како запоставување на вистинските пријатели во корист на виртуелните, губење време на опишување на секое движење во текот на денот, како и можност да налетате на некој психопат.

Какво и да е мислењето за Закерберг, факт е дека тој стои зад вистинска револуција во комуникацијата, со што го промени светот – на подобро или на полошо, проценете сами.


Компјутерски гениј

Компјутерите го заинтересирале Закерберг уште како дете: додека повеќето негови врсници откривале компјутерски игри, тој учел како да ги создава. Татко му, и самиот фасциниран од технологијата, го запознал со „BASIC“ и основите на програмирањето, а потоа му ангажирал и приватен ментор – софтверскиот инженер Дејвид Њуман.

За дополнително да го надгради знаењето, Закерберг како средношколец посетувал предавања по информатички науки на блискиот колеџ.

Покрај креирањето компјутерски игри, го интересирал и комуникациски софтвер. Бидејќи стоматолошката ординација на неговиот татко се наоѓала во истата зграда каде што живеело семејството, амбициозниот тинејџер осмислил програма „ZuckNet“, со која ги поврзал компјутерите дома со оние во ординацијата.

Програмата, тврдат луѓе што го познавале, необично наликува на онаа на која моќната компанија „AOL“ подоцна ќе заработи богатство и која се појавила само една година по „ZuckNet“.


Избор за најубави студенти

Вниманието на информатичката заедница го привлекол со следниот проект – музички плеер што ги препознавал вкусовите на корисниците. Откако неговиот уред добил пофални рецензии во „PC Magazine“, водечки водич за информатичките ентузијасти, за талентираниот 18-годишник повторно се заинтересирал „Microsoft“.

Му понудиле одлично платена работа, но тој ги одбил. „Жал ми е, но само што сум примен на Харвард“, им рекол. Гледајќи ги намуртените лица на потенцијалните работодавачи, се пошегувал на свој типичен „бубаторски“ начин: „Не грижете се за мене … Добар факултет е, проверив“.

Зачетокот на она што ќе стане глобален феномен се случил додека студирал социологија и информатика. На втора година напишал програма наречена „Facemash“. Со неа студентите избирале најзгодни колешки и колеги врз основа на понудени фотографии.

„Имавме годишници што ги нарекувавме ’Face Books‘, со имиња и фотографии на сите студенти што живееја во кампусот. Закерберг ги стави тие фотографии на својата страница, посетителите избираа мис и мистер, а програмата потоа ја формираше нивната ранг-листа“, објаснил негов пријател од Харвард.