Светската здравствена организација (СЗО) бара да се обезбедат една милијарда долари за здравствени итни случаи оваа година.
Чиквез Ихеквезу на прес-конференција во Женева изјави дека апелот за обезбедување пари е помал од минатата година, бидејќи финансирањето од донаторите се намалува, објави Ројтерс.
„Се фокусираме на оние на кои им е најпотребно, каде што можеме да спасиме најмногу животи“, истакна Ихеквезу. Според него, средствата ќе бидат насочени кон 36 итни здравствени ситуации, вклучувајќи ги Газа, Судан и Украина.
„Длабоко сме загрижени за огромните потреби и како ќе ги задоволиме“, додаде тој. Ихеквезу негираше дека СЗО целосно ќе се повлече од каква било криза.
„Она што го направивме е дека, во секој од тие контексти, можеби не направивме толку колку што би сакале“, рече Ихеквезу.
Соединетите Американски Држави официјално ја напуштија СЗО на 22 јануари, откако ја обвинија глобалната здравствена агенција за справувањето со пандемијата Ковид-19. Во минатото, САД беа главен донатор за здравствените вонредни состојби на СЗО, кои се потпираат на доброволни донации и на нејзиниот поширок буџет, кој делумно се базира на задолжителни членарини.








