Истражувачите го реконструирале синџирот на исхрана во еден екосистем од периодот Јура во Колорадо и откриле дека бебињата на долговратите диносауруси – сауроподи како брахиосаурус, диплодокус и апатосаурус – биле главниот плен на месојадните диносауруси пред 150 милиони години.
Иако возрасните сауроподи биле големи, тешки и тешко уловливи, младенчињата биле мали, бавни и беспомошни и биле „совршена ужина за предаторите“, навеле научниците, пренесе Ројтерс.
Научниците користеле фосили за да мапираат кој кого јадел во екосистемот, кој опфаќал најмалку шест видови сауроподи, пет видови месојадни диносауруси и други животни како птеросауруси, риби, крокодили, рани цицачи и инсекти.
Месојадните диносауруси, вклучувајќи ги торвосаурусот, алосаурусот и цератосаурусот, ретко напаѓале здрави возрасни сауроподи, бидејќи нивната големина и опашките претставувале сериозен ризик.
Наместо тоа, предаторите се фокусирале на младенчиња, болни или повредени единки, како и на животни заглавени во кал или на оние што умирале поради суша.

Анализата на хемиските траги во забната глеѓ, биомеханичките модели и фосилизираните остатоци од желудник овозможиле реконструкција на сложена мрежа на исхрана со повеќе од 12.000 синџири на исхрана, покажувајќи дека сауроподите биле клучни за стабилноста на екосистемот.
Вегетацијата опфаќала четинари, папрати, преслици (коњски опашки) и цикади, кои растеле долж реки и бари што периодично пресушувале.
Палеонтолозите истакнуваат дека овие студии покажале колку ранливоста на младите диносауруси била клучна за прехранбените навики на месојадите и за еколошката динамика во периодот Јура, пренесе Танјуг.







