Од 1 февруари стартува целосната примена на системот „Безбеден град“, откако Собранието го изгласа Законот за прекршоци, со што се отвора патот за автоматско санкционирање на сообраќајните прекршоци преку камери и софтверска контрола. Властите уверуваат дека целта е поголема безбедност, но граѓаните се прашуваат – дали новиот систем навистина ќе ги намали сообраќајните несреќи или ќе значи уште еден сериозен удар по домашниот буџет.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, преку објава на социјалните мрежи, порача дека со оваа законска измена државата конечно презема системски чекори за справување со сообраќајниот хаос. Според него, имплементацијата на „Безбеден град“ претставува одлука што директно го штити животот и безбедноста на граѓаните, а не механизам за полнење на буџетот преку казни.
Во тест периодот, како што посочува министерот, дел од граѓаните веќе го смениле однесувањето во сообраќајот, што резултирало со поголема дисциплина и почитување на правилата. Тошковски оцени дека тоа е показател дека системот може да даде резултати и дека превенцијата е неговата суштина, а не репресијата.
Сепак, со стартот на целосната примена од 1 февруари, неизбежно е и прашањето за финансискиот товар што ќе го почувствуваат граѓаните. Автоматските казни, без можност за „попустливост“, значат дека секој прекршок ќе биде евидентиран и санкциониран, што за многумина може сериозно да влијае врз месечниот буџет, ако возачите не внимаваат на сообраќајните правила.
Дали „Безбеден град“ ќе донесе помалку сообраќајни несреќи, повредени и жртви, или ќе се претвори во уште еден извор на незадоволство кај граѓаните, ќе покаже праксата. Јасно е само едно – од 1 февруари, сообраќајните правила ќе мора строго да се почитуваат, бидејќи камерите нема да простуваат.








