[ВИДЕО] Мицкоски од Давос: „Бошков Мост“, „Чебрен“ и „Галиште“ ги привлекоа инвеститорите

Макфакс

22/01/2026

20:11

247

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски од Давос соопшти дека имал уште еден успешен ден со бројни билатерални средби и настапи, во рамки на престојот на Светски економски форум.

„Уште еден успешен ден со многу билатерални средби“, изјави Мицкоски, посочувајќи дека денот започнал со средба со Борјана Кришто, по што следеле средби со мултинационални компании кои, како што рече, имаат значајна улога во глобалниот бизнис.

Мицкоски информираше дека имал и успешен панел на кој повторно се разговарало за клучните теми на овогодишниот самит во Давос – вештачката интелигенција, дата-центрите и потребата од зголемено производство на електрична енергија.

„Разговаравме со луѓе кои навистина значат во светот на вештачката интелигенција, фирми кои се водечки во управувањето со дата-центри, но и за предизвиците поврзани со потребата од зголемување на производството на електрична енергија“, изјави премиерот.

Тој додаде дека пред соговорниците ги презентирал и проектите кои за Владата се значајни, а кои опфаќаат производство на електрична енергија, подобрување на преносните капацитети и интерконекторите за електрична енергија и гас.

Мицкоски соопшти дека за прв пат на панелот ги презентирал и клучните проекти кои Владата планира да ги објави во периодот што следи – Бошков Мост, Чебрен и Галиште.

Според него, проектите привлекле големо внимание кај инвеститорите, кои по завршувањето на панелот му пристапиле за размена на контакти и биле поканети да ја посетат земјата. „Убеден сум дека овие проекти ќе бидат успешни, ќе додадат вредност во економијата на Македонија и во квалитетот на живот на македонските граѓани“, изјави Мицкоски.

Тој најави дека престојот во Давос продолжува со уште еден панел и презентација на инвестициските можности на Македонија пред нова група инвеститори, а враќањето во Скопје е планирано за утре.