Новиот предлог-закон за заштита од пушење предвидува целосна забрана за рекламирање, промоции и спонзорства од тутунската индустрија. Овие законски одредби се однесуваат на објави во медиуми, на интернет и социјални мрежи, како и на настани, наградни игри, попусти, подароци.
Лесната достапност и видливоста на производите го зголемуваат бројот на нови корисници, особено меѓу децата и младите, а намалувањето на видливоста е една од најефикасните мерки за превенција. Заштитата на децата е апсолутен приоритет, оценува министерот за здравство, Азир Алиу.
Дополнително, според него, покрај забраната за продажба на малолетни лица не само на класични цигари, туку и на сите останати никотински производи, со воведува и забрана за јавно изложување тутунски и никотински производи на продажни места, како и за продажба на тутунски и никотински производи во угостителски објекти, спортски и културни објекти и јавни настани.
Рекламирањето директно влијае врз започнување на пушење, особено кај младите. Со овие законски одредби се превенираат прикриените форми на промоција на овие производи. Јавното здравје има предност пред комерцијалниот интерес, појаснува министерот Алиу.








