Ние сме конструктивна опозиција, а не контролирана, рече Филипче прашан за поддршката на Законот за прекршоци

Макфакс

21/01/2026

14:50

148

Големина на фонт

а а а

Ние сме конструктивна опозиција, но не сме контролирана опозиција, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во однос на поддршката на Законот за прекршоци.

Филипче појасни дека СДСМ никогаш не била против безбедноста во сообраќајот, но дека конкретниот закон содржи сериозни прашања кои не се регулирани.

„Нема да си дозволиме да поддржиме закон во кој што сериозни аспекти не се регулирани, а тоа е огромната база на податоци за што во законот не е укажано како ќе се контролира. Еве, седнаа на маса на лидерската средба, се договорија, ќе видиме што е договорот од тој пазар“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.

Во тој контекст, Филипче изјави дека СДСМ е за безбедност во сообраќајот, но и за безбедност на податоците што се прибираат преку системот „Сејф сити“.

„Во однос на системот „Сејф сити“, Законот за прекршоци, ние тој закон нема да го поддржиме. Ние не сме против безбедноста во сообраќајот. Доказ за тоа е што ние сме го почнале тој проект, меѓутоа не можеме да дозволиме системот парцијално да се имплементира. Освен што сме за безбедност во сообраќајот, ние сме и за безбедност на податоците, кои што повторно власта ниту го коментира тој дел, ниту се обидува да го регулира“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.