Белата куќа објави дека формирала таканаречен „Одбор за мир“, кој според планот на американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја надгледува привремената управа во Појасот Газа, и покрај кревкото примирје што е во сила од октомври.
Меѓу членовите се американскиот државен секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник Стив Виткоф, поранешниот британски премиер Тони Блер и зетот на Трамп, Џаред Кушнер. Трамп ќе претседава со Одборот.
Во „основачкиот извршен одбор“ се и милијардерот Марк Рован од „Аполо Глобал Менаџмент“, претседателот на Светската банка Ајај Банга, како и поранешниот пратеник на ОН за Блискиот Исток Николај Младенов, кој ќе има улога на висок претставник за Газа.
Белата куќа соопшти дека секој член ќе надгледува посебен сектор за стабилизација и долгорочен развој на Газа – управување, регионални односи, обнова, инвестиции и финансирање. За командант на Меѓународните стабилизациски сили е именуван генерал-мајор Џаспер Џеферс.
Експерти за човекови права го критикуваат планот, оценувајќи дека ваквиот модел наликува на колонијална структура. Објавата се совпаѓа со почетокот на работата на палестински технократски одбор за привремена управа во Газа, под надзор на овој совет.
И покрај примирјето, Хамас и Израел меѓусебно се обвинуваат за прекршувања, а насилството во Појасот Газа продолжува








