[ФОТО] Град Скопје ги награди најдобро украсените домови за новогодишните и божиќните празници

Макфакс

16/01/2026

16:39

339

Големина на фонт

а а а

Во рамки на манифестацијата „Украсуваме по скопски“ беа избрани најубаво украсената тераса, најубаво украсениот двор во Скопје и ученички расказ. Преку оваа иницијатива се истакнува креативноста и посветеноста на граѓаните кои со своите домови создадоа топла, светла и автентична празнична атмосфера низ градот, истакнуваат од Град Скопје.

Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски вели дека светлината на празниците доаѓа од домовите.

„Во магијата на новогодишните и божиќните празници, Скопје блесна со посебна топлина, онаа што доаѓа од домовите на неговите граѓани.

Во рамки на манифестацијата „Украсуваме по скопски“, беа избрани најубаво украсените домови, тераси и најинспиративниот ученички расказ, како симбол на креативноста, заедништвото и празничниот дух што го обединува градот.

Оваа манифестација беше посветена на поттикнување на граѓаните активно да учествуваат во создавањето на празничниот амбиент, претворајќи ги своите домови во мали светлосни приказни што го разубавуваат секое маало и ја прават празничната атмосфера на Скопје потопла, поблиска и поискрена.

По детална евалуација и теренска посета на сите пријавени учесници, жири-комисијата ги избра највпечатливите празнични уредувања, каде што вниманието кон деталите, креативниот пристап и љубовта кон празниците беа јасно препознатливи“, вели Ѓорѓиевски.

Соопшти дека за најубаво новогодишно украсен двор од индивидуална станбена куќа е избрана Адријана Јовановиќ, ул. Темко Попов бр. 33а, населба Маџари – двор кој, како што вели градоначалникот, зрачел со топлина, светлина и вистинска празнична магија. Наградата е 20.000 денари.

♥️ Светлината на празниците доаѓа од домовите - избрани најубаво украсените дворови и тераси во Скопје

✅ Во магијата на...

Posted by Орце Ѓорѓиевски - Orce Gjorgjievski on Friday, January 16, 2026

„За најубаво новогодишно украсена тераса од стан беше избрана Теа Ивановска, ул. Митрополит Теодосиј Гологанов бр. 149-2/7, населба Козле – пример како и мал простор може да стане голема празнична приказна.

Награда: 20.000 денари.

Во категоријата најубав расказ на тема „Новогодишни желби и празнувања“, наградата ја освои Христина Наумов I1, ученичка во СУГС „Ѓорѓи Димитров“, со искрен и инспиративен текст што ја пренесува празничната надеж и детската радост.

Награда 5.000 денари,

Изборот го направи жири-комисија составена од реномирани новинари и медиумски професионалци:

Весна Миленковска (Канал 77),

Александрија Стевковска Николова (Република), Анела Петрова (Вечер),

Славица Стефановска (МИА),

Нина Стефанова (Телма) и

Елизабета Дамјановска (Канал 5), кои лично ги посетија сите пријавени и со голема посветеност ја донесоа конечната одлука.

Со „Украсуваме по скопски“, Скопје уште еднаш покажа дека најубавите празници се оние што ги создаваме заедно.

Светлината, креативноста и желбата за убаво секојдневие започнуваат од домот, а се шират низ целиот град.

Скопје го разубавуваме заедно. По скопски“, истакнува Ѓорѓиевски.