Бела Хадид, Педро Паскал и други познати личности собрале 5,5 милиони долари за помош на народот на Палестина и Судан во „Fond Theatre“ во Лос Анџелес.
Хадид сподели дел од настанот на социјалните мрежи и им се заблагодари на сите што помогнале.
„Собрани 5,5 милиони долари за Судан и Палестина! Имавме прекрасна вечер организирана од мојот драг пријател Мустафа Ахмед, а домаќин беше мојот најнов и најдраг пријател Педро Паскал, за да ја подигнеме свеста за две итни и меѓусебно поврзани каузи за народот на Палестина и народот на Судан“, напиша манекенката.
Хадид додаде дека ова е моќта на колективното дејствување и дека ова се случува кога сочувството се претвора во посветеност, а исто така рече дека е длабоко трогната што Педро и таа имале чест да бидат таму.
„Една акција што е длабоко лична за мене е Палестинскиот детски фонд. Децата сочинуваат повеќе од половина од населението на Газа. PCRF изврши херојска задача да обезбеди месечна поддршка на најмалку 6.000 деца без родители, доставувајќи 21 милион литри чиста вода за нивните семејства, евакуирајќи стотици деца од Газа, меѓу другите чуда. Некои од овие евакуирани деца беа таму со нас. Ви благодариме на сите од срце. Да продолжиме да го креваме нашиот глас за да се осигураме дека овие семејства знаат дека стоиме со нив“, објави манекенката.
Таа, исто така, изјави дека повеќе од 12 милиони Суданци се раселени и дека повеќе од 25 милиони луѓе се соочуваат со недостаток на храна и дека многу организации, вклучувајќи ги и ОН, наведоа дека Судан се соочува со најголемата хуманитарна криза во светот.
„Суданско-американското здружение на лекари е организација која ги мобилизира суданските медицински професионалци во САД за поддршка на обезбедувањето здравствена заштита и напорите за градење капацитети во Судан. SAPA обезбедува медицински мисии, обука, материјали и итни интервенции за време на кризи и конфликти. Тие им помогнале на над 100.000 деца под петгодишна возраст и активно поддржуваат над 100 болници. Како што вели Варсан Шајр: „Никој не го напушта домот освен ако домот не е во устата на ајкула“. Им благодарам на неверојатните уметници кои се појавија и настапија во име на овие каузи. Ви благодарам на сите што се појавивте во име на човештвото“, истакна Хадид.

Мустафа, Клаиро, Луси Дакус, Гис, Алекс Џи, Блад Оринџ, Даниел Цезар, Феј Вебстер, Џазмин Саливан, Нонејм, Нур Хинди, Омар Аполо, Рафаел Садик, Равин Ленае, Рекс Оринџ Каунти, Сафија Елхило, Шон Мендес, Снох Аалегра, Тамино и 070 Шејк настапиле на концертот.
Сите приходи ќе бидат наменети за Суданско-американското здружение на лекари и Палестинскиот фонд за помош на деца, кои обезбедуваат критична медицинска и хуманитарна поддршка за децата што живеат во овие земји.









