Камион-мешалка за бетон, која веќе 66 години лежи покрај пат во Оклахома, е трансформирана во уметничка инсталација што привлекува посетители – сè како последица на сообраќајна несреќа од 1959 година.
Сообраќајните несреќи обично брзо се забораваат, особено ако во нив нема повредени или загинати, но една од далечната 1959 година оставила траен белег и прераснала во препознатлива туристичка атракција. Сè се случило во американската сојузна држава Оклахома, кога на пат кон градилиште за мост преку езерото Улога се случила сообраќајна несреќа. Товарно возило кое превезувало полн резервоар со бетон се превртело на споредниот пат „"East 300"“, меѓу местата Талала и Винганон.

Бетонски „споменик“
На службата за влечење ѝ биле потребни неколку часа за да пристигне на местото, а во меѓувреме целиот бетон во мешалката целосно се стврднал, претворајќи го резервоарот во масивен, неподвижен блок. Работниците процениле дека мешалката е премногу тешка за да се отстрани во еден дел. Влечната служба на крајот успеала да ја однесе само кабината и подвозјето на камионот, додека резервоарот од мешалката бил оставен покрај работ на патот – со план да се отстрани подоцна.
Тој план никогаш не бил реализиран, а обидите објектот да се закопа на самото место исто така пропаднале, оставајќи ја мешалката како траен „споменик“. Во текот на наредните децении, локалното население развило посебна приврзаност кон овој објект, кој станал локален ориентир, а со текот на времето и туристичка атракција.

Каква врска има НАСА со сето ова?
Долги години мешалката била украсувана со мотиви од американското знаме, но клучната промена се случила во 2011 година, кога локалните уметници Бери и Хедер Томас решиле да ѝ дадат целосно нов визуелен идентитет по повод петгодишнината од нивниот брак. Забележувајќи дека специфичната форма на мешалката наликува на вселенско летало, двојката го трансформирала објектот во „вселенска капсула“, боејќи го во сребрена боја со ознаки на НАСА. За илузијата да биде целосна, на долниот дел од објектот биле монтирани и додатоци што симулираат ракетни потисници.
Денес, 66 години по несреќата, „Вселенската капсула од Винганон претставува една од најпрепознатливите точки за фотографирање во североисточна Оклахома. Информации за неа може да се најдат на официјалните туристички страници и на „"Google Maps", а минувачите кои не се запознаени со нејзината историја често остануваат со впечаток дека наишле на вистински остатоци од некоја вселенска мисија од времето на Студената војна.














