Овогодишното доделување на Златните глобуси донесе нова категорија за најдобар поткаст, а честа да ја врачи наградата му припаднала на раперот Снуп Дог.
Сепак, неговиот настап на сцената не поминал без контроверзии – гледачите пред малите екрани останале ускратени за дел од неговиот говор, кој продуцентите решиле да го цензурираат. Додека публиката во салата го слушнала секој збор, преносот во живо бил прекинат со звучен сигнал, а сега е откриено и што точно рекол раперот.
Што ѝ претходело на цензурата?
Снуп излегол на сцената во свој стил, повикувајќи ја публиката да се опушти. „Опуштете се малку. Ова се двојни Џи, Златни глобуси, а со вас е Д-О-двоен-Џи“, започнал тој. „Затоа уживајте, немојте да бидете вкочанети! Раздвижете се малку!“

Потоа се пошегувал и на сметка на новата категорија. „Најдобар поткаст е многу важна категорија за мене затоа што, пред поткастите, јас бев тоа што ќе го слушавте во вашите автомобили. Вие, поткастери, подобро надевајте се дека нема да влезам во таа игра“, рекол тој, пред да ја прогласи Ејми Пулер за победничка за нејзиниот поткаст „Good Hang“.
Откриена цензурираната изјава
Токму пред прогласувањето на победничката, преносот накратко бил прекинат со звучен сигнал. Благодарение на публиката во салата, брзо се дозна што изговорил 54-годишниот музичар. Во манир што никого не изненадил, Снуп се пошегувал на сметка на консумирањето марихуана.
„Во моментов сум надуван како змеј. Предолго веќе ме држите овде горе“, рекол низ смеа, а токму таа реченица била цензурирана во преносот.
Строги телевизиски правила
Иако шегата е целосно во согласност со неговиот имиџ (Снуп Дог, на крајот на краиштата е сопственик на сопствен бренд за канабис), телевизиските куќи имаат строги правила против шеги за дроги и пцости за време на пренос во живо.

Меѓутоа раперот не бил единствениот што бил цензуриран. Имено поради пцости, за време на своите говори биле цензурирани и добитничките на награди Тејана Тејлор и Ерин Дохерти.














