Започнете ја 2026 со повеќе селектирање и помалку амбалажен отпад!

Точка

09/01/2026

18:53

243

Големина на фонт

а а а

Зад празничната магија, прославите, подароците и богатите трпези, често ја занемаруваме другата страна, а тоа е зголемената потрошувачка и сè поголемиот обем на отпад.

Во нашата земја, повеќе од 55.000 тони отпад од пакување остануваат надвор од системите за селектирање и често завршуваат на депонии или во природата. Во 2026, зошто да не се охрабриме одржливите навики да станат дел од нашето секојдневие?


Селектирањето на амбалажниот отпад е еден од најважните чекори кон почиста животна средина. За време на секојдневните домашни кулинарски активности, како и при подготовка на трпезата за празници и прослави, се создава значително количество отпад од пакување на храна, пластични и алуминиумски фолии и амбалажа за еднократна употреба. Наместо остатоците од храната да завршат како отпад, поделете ги на гостите во садови за повеќекратна употреба. На овој начин се поттикнува одговорно однесување, се намалува расипувањето на храната, а духот на заедништво и споделување продолжува. И не заборавајте, картонските кутии и материјалите кои ќе ви останат, секогаш можете да ги селектирате во сините и жолтите контејнери на Пакомак.

Празните пластични шишиња и лименки кои ќе ви останат, ставете ги во платнена торба и поминете до најблиската Повратна вендинг машина (ПВМ) на Пакомак. Овие машини се современ и иновативен начин да се мотивираат луѓето селективно да го одложуваат отпадот, но и ефективен начин да се намали количината на пластичен отпад која завршува во контејнерите, а потоа и на депониите. Со мобилната апликација ЕкоМак, секое одложено пластично шише или лименка се претвора во „зелени поени“ кои можете да ги искористите за различни ваучери во најголемите супермаркети во земјата, за плаќање сметки или за поддршка на хуманитарни цели. На овој начин, одговорното одложување станува корисно за вас и за заедницата.


Со свесни и одржливи избори можеме да уживаме во сите родендени, свадби, годишнини и останатите весели поводи кои не очекуваат оваа година. Зошто да не се потрудиме и подароците за нашите најблиски да ги одбереме од долготрајни материјали со минимална и еколошки прифатлива амбалажа и пакување од рециклирана хартија ? За дополнителна естетика, подароците може да се декорираат со шишарки, гранчиња или сушени цвеќиња, решение што спојува креативност и одржливост.


Со овие мали, но значајни навики ги одбегнуваме преполните контејнери и отпад по улиците, придонесувајќи за почиста и поуредна околина. Новата година нека биде охрабрување за вас дека со секоја мала одржлива одлука придонесувате за создавање помалку отпад и повеќе грижа за животната средина. Новите почетоци нека инспираат поголема еколошка свест меѓу сите нас.