ЛДП: Техничката влада нема да ги нахрани граѓаните, време е за вистински реформи

Макфакс

09/01/2026

16:14

257

Големина на фонт

а а а

Либерално-демократската партија (ЛДП) смета дека лидерска средба има смисла само доколку на неа се разговара за суштински реформи, а не за, како што велат, пазарски и ПР решенија. ЛДП е подготвена да учествува на лидерска средба, но не и доколку таа се сведе исклучиво на прашањето за укинување или задржување на техничката влада како изолирана и празна тема, без одговори на клучните прашања што директно го засегаат животот на граѓаните.

„Несериозно е политиката да се сведе на тоа: „ние сме за укинување“ или „ние сме против укинување“ на техничката влада. И што потоа? Ако се укине или ако не се укине ?! Дали ќе јадеме поевтино? Дали ќе дишеме почист воздух? Дали ќе добиеме повеќе неповратни средства од Европската Унија? Дали конечно ќе ја решиме корупцијата? Ако одговорот е не – тогаш темата сама по себе е празна. Зошто доцнат некои министерства со реализација на реформската агенда? До каде е пакетот системски реформи што треба да ја придвижи државата напред? На граѓаните им е преку глава од парцијални изјави и ад-хок решенија. Таквиот пристап покажува дека граѓаните не се точка на интерес, туку само алатка за медиумска доминација“, велат од ЛДП.

Додаваат и дека на Македонија не ѝ се потребни 120, туку 90 пратеници. На Македонија не ѝ се потребни 25, туку 15 функционални министерства. На Македонија не ѝ се потребни купишта членови на управни и надзорни одбори, ниту армија заменици директори. На Македонија ѝ се потребни повеќе пари во џебот на граѓаните.

Според партијата, на Македонија не ѝ е потребна техничка влада, туку ефикасен, рационален и деполитизиран систем – една изборна единица, отворени листи и можност граѓаните сами да одлучат кој ќе ги претставува.