Половина Киев без греење по тешкиот напад; Кличко: Ако можете, напуштете го градот

Макфакс

09/01/2026

13:52

424

Големина на фонт

а а а

Половина од станбените згради во Киев, речиси 6.000, моментално се без греење откако клучната инфраструктура на главниот град беше тешко оштетена во голем руски напад. Градот се соочува и со прекини во водоснабдувањето, пишува Украинска Правда.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека синоќешниот комбиниран напад бил најтежок досега за клучните инфраструктурни објекти на главниот град.

„Комуналните служби ги поврзаа социјалните објекти – особено болниците и породилиштата – на мобилни котларници. Заедно со енергетичарите работат на враќање на струјата и греењето во домовите на жителите на Киев“, рече Кличко.

„Градските служби работат во вонредни услови. За жал, за наредните денови се прогнозираат тешки временски услови“, додаде градоначалникот, упатувајќи апел до граѓаните.

„Исто така апелирам до жителите на главниот град кои имаат можност привремено да го напуштат градот и да заминат некаде каде што постојат алтернативни извори на струја и топлина, да го сторат тоа“, заклучи Кличко.

Нападот започнал во вечерните часови на 8 јануари, кога во Киев се слушнале експлозии предизвикани од руски напади со дронови. Во населбата Десњански, беспилотно летало погодило покрив на станбена зграда.

Потврдено е дека во рускиот напад врз Киев загинале четири лица. Поради оштетување на надземната мрежа и прекините во снабдувањето со електрична енергија во Киевската област, регистрирани се и доцнења во сообраќајот на дел од патничките возови. До утрото на 9 јануари, повеќе од 500.000 потрошувачи во градот Киев и околната област останале без електрична енергија.