Претседателот на САД Доналд Трамп на платформата „Тру соушал“ ги пофали постапките на Венецуела по, како што наведе, невидениот упад во земјата минатата сабота.
Трамп денеска изјави дека САД и Венецуела добро соработуваат, особено кога станува збор за обновата, „во многу поголема, подобра и помодерна форма“, на нивната нафтена и гасна инфраструктура.
„Поради оваа соработка, го откажав претходно очекуваниот втор бран напади, кој се чини дека нема да биде потребен. Сепак, сите бродови ќе останат на позициите од безбедносни причини“, додаде Трамп.
Претходно, венецуелската влада соопшти дека започнала со ослободување на притворени лица кои се сметаат за политички затвореници, што официјалните претставници го опишаа како гест на добра волја.
Нивното ослободување долго време беше барање на САД.
Министерството за надворешни работи на Шпанија потврди дека пет нејзини државјани се пуштени на слобода, меѓу кои и истакнатата венецуелско-шпанска активистка за човекови права Росио Сан Мигел.
Хорхе Родригез, претседател на Народното собрание на Венецуела и брат на нејзината привремена претседателка Делси Родригез, изјави дека привремената влада ги ослободува притворените во интерес на „националното единство и мирниот соживот“.
Се верува дека во озлогласениот затвор Ел Хеликоиде, за кој Трамп по апсењето на Мадуро најави дека ќе биде затворен, се наоѓаат до 80 затвореници.
Трамп, исто така, тврдеше дека нафтените компании, со многу од нив тој денеска треба да се сретне во Белата куќа, ќе инвестираат „најмалку 100 милијарди долари“.








