На социјалните мрежи е објавена снимка на која се гледаат неколку диви свињи како слободно се движат низ населбата Водно, а истата предизвика бројни реакции кај граѓаните.
„Диви свињи шетаат во населба Водно, снимено денес околу 19:30 часот на улица ‘Питу Гули’, карши Тинекс“, напиша Гоце Бурзески, кој бил сведок на настанот и ја споделил снимката.
На видеото се гледа како животните се движат по улицата, во непосредна близина на станбени објекти, што повторно го отвори прашањето за сè почестата појава на диви животни во урбаните средини и безбедноста на граѓаните.
Засега нема информации за пријавена штета, ниту пак за интервенција од надлежните служби.
Тие, најверојатно залутани и во потрага по храна, брзо се обидувале да го најдат патот назад кон шумата, а дел од коментарите под видеото посочуваат дека шумата им била одземена на животните со проширувањето на населбата и изградбата на нови згради и куќи.
Претходно, Водно беше целосно шума, а свињите всушност се движат по свој терен, велат корисниците на социјалните мрежи.
„Си бараат храна, ако продолжиме уште погоре со градби и во дворовите ќе влезат“, „Тие си се на своето“, „Куќите наши до нивните стигнаа, ништо не им оставивме“, „Какви урбани средини, тоа е нивниот простор за живеење“, гласат дел од коментарите.
















