Поплавени објекти во Охрид и Кичево, одрони на некои патишта

Нетпрес

07/01/2026

19:40

1.059

Големина на фонт

а а а

Според информациите од регионалните центри за управување со кризи, состојбата на поголемиот дел од територијата на Република Северна Македонија е стабилна, без нарушување на редовната состојба, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

До 17 часот, има неколку поплавени објекти во Охрид и неколку во Кичево, каде се врши и евакуација на жителите, а има одрони на некои патишта. Има излевања на реката Вардар во с. Балин Дол, Лукавичка Река во с. Мало Турчане и Сушичка Река во с. Горно Бањице. Поплавено е земјоделско земјиште и дел од дворови.

Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово – нема излевање на реки, ниту евидентирани последици од врнежите. Надлежните општински служби ја следат состојбата.

Скопје, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе и Штип – не се пријавени поплави или одрони, состојбата е стабилна и под контрола.

Охрид – пријавени се поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации. За состојбата се известени локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид, кои постапуваат по пристигнатите пријави.

Кичево – евидентирани се поплави на повеќе станбени објекти на ул. „Прилепска“. Во тек е евакуација на жители, а на терен се екипи на Општина Кичево, ДЗС, Црвен крст, ЈКП „Комуналец“ и други надлежни служби.

Струга – по пријава преку бројот за итни повици 112, евидентиран е поголем одрон на патниот правец с. Татеши – с. Мислодежда. За состојбата е известено ЈП „Македонија пат“ и се преземаат активности за санација.

Тетово и Гостивар – регистрирани се одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче, при што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања. По пријави преку 112, евидентирани се излевања на реката Вардар во с. Балин Дол, Лукавичка Река во с. Мало Турчане и Сушичка Река во с. Горно Бањице. Поплавено е земјоделско земјиште и дел од дворови. За состојбата се известени Општина Гостивар, ДЗС, ЈКП „Комуналец“, ПС Гостивар, како и ХЕЦ Маврово, каде е преземено намалување на производството на електрична енергија.

Општина Боговиње – поради излевање на вода надвор од постоечки канали, поплавено е обработливо земјиште. Директорот на ЈКП „Шари“ е на терен и координира активности со надлежните институции.

Битола и Ресен – одронот кај с. Сирхан е саниран. Во с. Дрмени поплавени се два двора, за што се известени Општина Ресен и ДЗС Ресен.

Врнежите продолжуваат, а состојбата на теренот и водостоите на реките се следат континуирано од надлежните институции, вели ЦУК.