Снег и мраз ја блокираа Европа: Париз, Лондон и Амстердам под предупредувања

Макфакс

07/01/2026

13:43

1.042

Големина на фонт

а а а

Западна Европа се подготвува за нови снежни врнежи и мраз, откако првата бура оваа година ја погоди атлантската обала на континентот.

Откажани се бројни летови, железничкиот сообраќај е нарушен, а патиштата се блокирани додека бурата Горети напредува низ регионот.

Обилни снежни врнежи ја зафатија париската област во среда наутро, а југот на Велика Британија се очекува да биде најпогоден во четврток и петок. Предупредувања за студено време во среда покрија големи делови од Франција и Британија.


Метеоролошки предупредувања и сообраќајни проблеми

Француската метеоролошка агенција „Метео Франс“ во среда предупреди на снежни врнежи кои ќе се прошират на северната половина од земјата. Британската метеоролошка служба соопшти дека предупредувањата за мраз ќе останат во Шкотска, но дека наскоро ќе бидат укинати во поголемиот дел од Англија и Велс.

Автобускиот сообраќај во Париз беше запрен, додека продавниците се подготвуваа за првиот ден од новогодишните распродажби.

Холандската авиокомпанија КЛМ откажа 600 летови планирани за среда на аеродромот Схипхол во Амстердам. На едно од најпрометните европски воздухопловни чворишта, нарушувањата траат веќе шести ден по ред.


КЛМ предупреди дека ѝ недостига течност за одмрзнување на авионите и дека доцнењата во испораките го отежнале дополнувањето на залихите. Нејзиниот партнер „Ер Франс“ соопшти дека не е запознаен со какви било недостиг во Франција.

Воздушен сообраќај и мерки на претпазливост

Аеродромот Схипхол соопшти дека сè уште има доволни залихи од друг вид течност за одмрзнување, која се користи за чистење на пистите.

Француската управа за цивилно воздухопловство побара од авиокомпаниите да откажат 40 отсто од летовите на главниот париски меѓународен аеродром Роаси–Шарл де Гол и 25 отсто од летовите од помалиот аеродром Орли.


Во Брисел дел од летовите се откажани, а одмрзнувањето на пистите и крилјата на авионите предизвика доцнења.

Властите во Холандија ги повикаа жителите да работат од дома доколку е можно. Француските власти забранија сообраќај на камиони и училишни автобуси во третина од сите административни оддели, главно во северната половина на земјата.

Извршниот директор на „Карфур“, Александер Бомпар, изјави дека забраната за сообраќај на камионите ќе предизвика одредени нарушувања во синџирите на снабдување, особено со свежи производи.